Во наредниве денови на пациенти во тешка состојба ќе бидат трансплантирани и бубрезите и коски на починатата девојка чие семејство реши да ги донираа органите. Министерството за здравство денеска информира дека тие органи ќе ги добијат бубрежно болни и пациенти со тешки фрактури кои немале можност да стават протези и карциноми кои им ги оштетиле коските. Срцето на починатата девојка која потекнува од Берово веќе е трансплантирано на 22 годишно момче.
-Два бубрега од донорот денеска ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа. В понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава, се наведува во соопштието од Министерството.
Претходно министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил напиша дека трансплантацијата на срце поминала успешно и дека пациентот постепено се буди.
-Утрово бевме во визита на пациентот кој е во стабилна состојба. Да држиме среќа неговото тело да го прифати срцето. Силно верувам дека ќе ја имаме втората успешна трансплатација на срце, а младиот пациент ќе добие шанса во животот. Заради ваквите подвизи и хуманата природа на докторската работа вредат сите непроспиени ноќи во салите за операција, напиша Филипче.
Тимот кој учествуваше во оваа комплексна операција е од некоку кардиохируршки центри. Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институтот, Клиниката Жан Митрев и Аџибадем Систина.