Завршена е реконструкцијата на булеварот „8.Септември“ во општина Карпош, на потегот од булеварот “Илинден“ до улицата „Скупи“, а со тоа завршува и градежната офанзива за оваа година во која реконструирани и во изградба се вкупно 21 сообраќајница, објави денеска Градот Скопје.
На овој булевар е извршена комплетна реконструкција на коловозот, реконструкција на тротоарите, замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници, во двете насоки, во должина од 980 метри.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска упати благодарност до граѓаните кои покажаа разбирање и трпение кое беше неопходно за во исто време да се реконструираат голем број улици.
– Не застануваме тука, продолжуваме со изградбата на булеварот „Никола Карев“ од касарната „Илинден“ до клучката со „Момин поток“ и потоа да влеземе во целосно решавање на сообраќајниот јазол кај клучката со Момин поток што е еден од главните сообраќајни јазли – рече Шилегов.
Каков ќе биде ефектот од досегашните реконструкции и дали со тоа ќе се намалат гужвите на скопските сообраќајници останува да се види. Но, скопјани се уште ги чекаат капиталните сообраќајни проекти ветени од Шилегов – тунелот под Кале, мостовите на Вардар, спуштена крстосница кај „Мавровка“…