Состојбата со слободни места во болниците за лекување на заболените од корона вирусот засега е под контрола. Но, се поголемиот број на заболени, посебно вчерашниот рекорд на новоинфицираните, речиси целосно ги пополни болничките капацитети. Во скопските и болниците во внатрешноста на Македонија вчера се лекуваа вкупно 844 пациенти за разлика од завчера кога имаше 793 пациенти.
На Инфективната клиника вчера беа примени нови 12 пациенти со што вкупно се хоспитализирани 160 пациенти од кои на кислородна поддршка се 130 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ примени се осум пациенти. Вкупно се хоспитализирани 79 пациенти од кои на респиратор се двајца пациенти.
Во болницата во Козле хоспитализирани се девет позитивни и едно дете суспектно на Ковид-19 и 22 возрасни пациенти, позитивни и суспектни на вирусот, додека на Институтот за ТБЦ се хоспитализирани 30 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 70, а во болницата во Штип се 52 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Кичево, Кавадарци се хоспитализирани 421 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Сето ова значи дека во повеќето болници и одделенија во кои се лекуваат пациенти со корона вирус, се помалку има слободни кревети. Од Министерството за здравство тврдат дека ниту еден пациент нема да остане без здравствена нега. Завчера беше најавено дека сите интерни клиники во рамки на Клиничкиот центар, во Скопје се подготвени да примаат ковид пациенти и нема да запрат со нормалната работа, односно со интервенциите на дневна основа. Обезбедени се 150 болнички легла и кадарот е подготвен да работи со ковид пациенти, но нема да изостане и тековната работа со третман на пациенти на дневна основа кои не се со ковид.
Но, прашање е што доколку и овие капацитети се пополнат за неколку дена со оглед на големите бројки на новозаболени лица. Надлежните треба да дадат јасен и навремен одговор.