Македонија е прва во светски рамки по број на починати во 24 часа на милион жители. Ова уште еднаш ја покажува алармантно лошата кондиција на нашиот здравствен систем, неквалитетното менаџирање со кризата и неодговорноста на министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти денеска политичка партија Левица.
Ова опозициска партија укажа дека Филипче на почетокот на пандемијата изјавил дека пикот на заразени се очекува да достигне до 2.000, а како што може да се види од објавените бројки, до вчера вкупно детектирани заразени се 26.954 лица, а активни 7.408.
– Погрешните одлуки на владата се согледуваат и во тоа што хронично болните лица, иако се загрозена категорија, повторно беа вратени на работните места – додека владата се обидува да протне онлајн-седници на Собранието. Како политичка партија сметаме дека Министерство за здравство на чело со Филипче, треба да престане со стратегијата на префрлање вина на „непослушниот“ народ. Токму тој и другите функционери и вработени во ова министерство се поставени таму, за да ги градат политиките и стратегијата за менаџирање со кризи, со цел да обезбедат безбеден и здрав живот на народот, а тие напротив, со месеци креирајќи јавно мислење, преку средствата за комуникација, го обвинуваат народот со цел да ја сокријат сопствената неспособност, велат од Левица.
Левица потенцира дека станува јасно дека министерот Филипче го манипулира и го лаже народот, само за да си ја задржи фотелјата.
– Арогантниот однос на Филипче кон народот не застанува со обвинувањата за ширењето на вирусот. Тестовите кои се прават на државна сметка се многу помалку отколку оние во приватните клиники. Според објавените информации во јавност, завчера за едно деноноќие се направени само 776 на државна сметка, а останатите 1125 во приватните клиники, за кои пациентите платиле вкупно 75 илјади евра. Македонија економски тоне со месеци, а допрва ќе се осеќаат последиците од лошото менаџирање со кризата. Затоа повикуваме јавно, Венко Филипче да си поднесе оставка и следниот министер сериозно да ја преземе работата за справување со оваа криза, реагира Левица.